прета (гл.) - со (предл.)

Заробениот гулаб сѐ уште преташе со крилата. Пердуви се ронеа од неговото телце и се нишаа во воздухот како снегулки.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Стоев нерешително над животното што преташе со тенките ноџиња и ја меткаше главата.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Ја зинува устата и ја позема цуцлата, прета со рачињата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— А што ти хочеш, што ти хочеш, ми вели, и прета со рацете, ме драска.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Ова е поради вас, вели и прета со сувите и изнемоштени раце.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Вртеа луѓето како улави околу езерото, се загледуваа во водата, влегуваа во езерото кога ќе им засенеше нешто, претаа со стапови низ шеварот и трските, фрлаа камења во плитките места, но сѐ беше попусто.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Кокошките ќе се раскокодакаат, ќе претаат со нозете, ќе ги шират крилата, ама не ќе можат ништо да сторат, ќе дозволат да бидат однесени во просторијата под плочата каде што Чана веќе приготвила легало за неа и за нејзините пилиња веднаш до другата просторија во која ја смести својата мајка , нејзините бовчи и себе си.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Кога дрвото покрај кое случајно минувате со задоволство ја претрпува болката од впишувањето на две имиња врз неговата кора со нож; кога истовремената појава на дожд од небото и солзи на вашето лице не може да се нарече случајност; кога светулка се дави во вирче, прета со наводенети крилца борејќи се за живот и притоа не заборава да ве награди со светлина; кога не знаете зошто одот одеднаш ви станува куц; кога не сте пијани, а од некои темни агли на едвај осветлената улица слушате тивко завивање и цивкање на куче; кога не знаете како сте станале дел од таква ноќ... сѐ што ви преостанува е да се гризете од бол и зачуденост.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Србинчињата играа ситни ора. Ќе се фатат за појас, под мишките и само ќе претаат со нозете.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Кравата рика од пондилата, телето прета со ножињата, веќе не може да се одѕвие.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тоа плаче - ќе излета: го шири и го собира мешето и претка со рачињата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)