скрипта (имн.) - во (предл.)

Потоа настаните почнаа да се одвиваат како на грамофон со труба, на напуканата плоча ставена на погрешна брзина: предвоениот доктор заедно со својата животна придружничка реши пензионерските денови да ги заврши во родното место, кое сметаше дека најпосле заслужило славниот сограѓанин да ги остави своите коски на прадедовските гробишта штотуку здобиени со нова реформистичка управа; младата мајка се уштутка во одеднаш испразнетата куќа, со доенче во едната, а скрипти во другата рака, не знаејќи дали попрво да готви ручек или да пере пелени, па најпосле најми дадилка и се префли на фармација.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Па сепак, интернатскиот режим во студентскиот дом, окапувањето врз скриптите во семинарската библиотека, сојузната збирштина на сургунски сурати, безвкусниот штирак на мензашки порции, престолничките погледи на беспоговорните професори, свитканите плешки на провинциските безименковци, уситнувањето на младешките идеали со осминка здрвен бурек - сето тоа не беше лошо, барем за кратко, да се одмени ако не да се замени со познатото до здодевност лето во родниот град, со утринските прошетки по излитениот грагор на изодените патеки во паркот, со пладневното цапање по боси табани врз врелата песок на дивите плажи, со врвуличавото вртење по бескрајната лента на вечерното корзо, со срамежливите испраќања на новите симпатии по непознатите сокаци, со повремените кошкања на парталавата топка во маалската полјанка - и воопшто, по сите тие неизбришливи слики, што ги носиш како драг товар од детството а не знаеш што ќе остане од нив кога ќе стапнеш во животот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)