на (предл.) - брада (имн.)

Ја погали, со треперлива рака, Руса по лицето и дури откако ја прекрсти со врвот од ножот што го сокриваше во ракавот на левата, од долниот раб на нејзиното лево око преку усните, меки и набабрени, до коренот на брадата направи секотина; веднаш потоа направи уште една таква на другиот образ и на истото место.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Брадата го открива карактерот кај човекот: оној што ја пушта брадата да му расте слободно, природно, диво, без да ја дотерува и обликува - има нешто уметничко во себе, повеќе го обликува духот отколку брадата; оној, пак, што ја потскаструва брадата, што ја дотерува, негува и обликува - ја искажува својата префинетост, нежност, желба за блискост и допадливост; оној што ѝ дава форма на брадата во вид на трака што му врви преку вилицата и се спојува со зулуфите - сака да е упадлив, да обрне внимание на себе; оној што ја бричи брадата само на врвот од вилицата оставајќи ја гола како јајце и надевајќи ѝ на брадата од образите да се спои, прекинувајќи ја како прекинат мост - тој ја искажува својата затвореност, потиштеност, нерешителност, колебливост; оној што ја пушта брадата да му расте само на врвот од вилицата спојувајќи ја со мустаќите, ја изразува својата ученост и љубопитност кон сѐ, полн е со енергија и сигурност во себе; оној што ја остава брадата да му расте во вид на шилец или ластовичино крилце спуштајќи ја накај гушата - пргав е и склон кон брзање: брза и во мислите и во постапките; оној што носи порабена „шпанска брада“, полн е со искушенија и желби за доживувања, за авантури, за весел и безгрижен живот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Жената ми ја ставила дланката на брадата, свеска ми ме држи за нога над колено, брат ми како самсур виси над нив.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Не, овој кентаур со мајчино млеко на брадата, мисли дека знае сѐ за мене, откриваше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Направи пак пауза отец Иларион, отпивна од чашата, ги избриша неколкуте капки вино на брадата што блескаа како скапоцени каменчиња на светлината и пак продолжи: - Свети Софроние Ерусалимски вели дека господ при создавањето на светот ги поделил битијата на времени, минливи - тоа се неразумните, а разумните ги обдарил никогаш да не умираат и да не се распаѓаат како материите што имаат времен карактер и што се појава, а не суштина.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Најпрвин му се појавија неколку бели влакна во косата. Потоа и на брадата.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Со посебно внимание Поетот се однесува кон разретчената коса и кон брадичето, кое, за жал, од неодамна и не е компактно црно, туку на повеќе места оснежено, а помеѓу врвот на брадата и долната усна постои и едно бело перче што потсетува на дамка од млеко, или траг од шампита.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
На брадата има дупче и брадата му е малку подрамнета, потсечена.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ама ништо: сѐ убаво му стои па дури и дупчето на брадата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)