залепен (прид.) - на (предл.)

Улавееја сурферите низ разбранетата минливост и со начучулени уши залепени на даските очекуваа први да го слушнат големиот абер од големиот бран.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Еден постер беше залепен на предната страна од куќата токму отспротива.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Господинот беше на возраст од педесет и две години, со танки мустачиња и големи уши, високо потстрижен, со необично долги кркми, на средината благо разделени и, речиси, залепени на левиот и десниот дел од челото.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Капките од дожд сѐ уште беа залепени на лисјата а цветовите блескаа на сончевата светлина.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Просто му ги прободе очите некрологот залепен на десниот столб од двокрилната широка железна порта, под бројот што расклатено висеше само на уште една шајка.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Тие испратиле неколку покани до граѓанството залепени на вратите на црквите и училиштата, со кои агитирале дека, наместо да се расипуваат народни пари за камбанарија, да се реновираат урнатите и стари училишта, а парите за црквата во Цариград да се потрошат за просветни цели.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Осум часови работа во оваа влажна дупка ја прави кожата тенка, болно прозрачна, залепена на јаболчните коски.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Стоиме ко ластовици залепени на бел ѕид и само црцориме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Меѓу излупените кожинки од дланката и парченцата песок и камења што се имаа залепено на изгребаното место, му се наѕираше малку крв.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Застануваат на ќошињата од куќите и жолчно ги кинат летоците што се залепени на плакатите на кои до синоќа пишуваше: „Народе, откажете се од помагање на шумските голтари, кои се одметнале за да ви нанесат пакост и несреќи.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Прочитајте ја наредбата, па ќе видите што пишува, - протегна рака кон жолтата плаката залепена на вратата.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)