да (сврз.) - капе (гл.)

— Што да капиме, браќа по ниј? — им велеше Стојо пред бачило на Илка и на Трајка.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Тој беше наведнат врз мојот стомак; со палецот го беше затворил отворот на шишето толку колку од него да капе по некоја капка; сипуваше виното во мојот папок и потем пиеше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ама шестиот ден нешто времето облагна, почнаа да капат стреите и Петрета го фати една таква мака, неиздржлива и лута, што тој не рече ни одам негде - ни не одам, ни да ѕирнам - ни да олеснам црева, туку се скри зад тезгето и куц-куц, ајак-ајак, се исправи дури на крајот од редот.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Се скрши мразот во мене и почна да капе, да ми го полни дното.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И, ѕвонеа, ѕвонеа, мислиш крвави стреи да капат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Беа секогаш оние северни ведрини, од кои мразот преку ноќта се стегнува како кремен, за некаде веднаш попладне само штом ќе почнат да капат капавиците, а веќе светлооката острина на цибрината ги маѓепсува со погледот на своите бели ѕвезди, и само мранзулите по стреата и по ветките ќе стасаат да пораснат надолу уште за една педа.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
На Пелагија исто така ѝ потекуваат солзи, ама таа не сака да си ги забрише како некои од толпата, туку дозволува слободно да се разлеваат по лицето и да капаат врз убавиот фустан.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
А кога одиме во Скопје, таму ги молиме големците, та им велиме, а бре луѓе, а бре браќа, отворете уште некој граничен премин за да ни биде полесно да доаѓаме во Македонија каде ќе си најдеме и некоја работичка било како аргати, било како ѕидари, само да капи некоја паричка.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
а возот само си пуфка, си штрака на шините, и од тоа не се слуша многу нашето викање, грми, не чувме и кога грмнало небото и туку - удри еден дожд на вагонот, штрака, така, така, така, како да работи машина за шиење, ако си чул, ама кај ќе чуеш, кај нас се шие на рака, колва озгора дождот, и почна да претечува од тоа отворчето одозгора, почна да капе, да навева и ние се креваме замелушени, ги креваме главите, зинуваме со устите и чекаме водата да ни капе на јазикот, се поттурнуваме така подзинати нагоре, ко штркови во седело, а дождот си шие одозгора, си колва и нѐ понакрева, нѐ наживнува, ама после не се легнува во сламата, сламата се раскваси и сите болви наскокаа на нас, ни се пикаат под пазуви, под гуша, под ногавици, и боцкаат, дупат, ти ја пијат крвта, тоа што останало од крвта, колку едно песочно браздиче, и така паткаме, два дена и две ноќи паткаме, а може помалку, не знам...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)