Парадоксално, безличен е токму затоа што во себе го впива секој лик кој ќе му се испречи на патот, и кој на тој начин дрско му се вмешува во неговото дело: го вшмукува секој здив на децата, кучињата скитници и пирошките со сирење во Луна паркот; во замислениот нотес го регистрира секој телесен гест кој укажува на наклоност помеѓу двајца - погледите разменети на соседната маса, подолги од оние кои вообичаено се фрлаат на соговорникот колку да се увериме дека е уште тука, благиот допир со раката по нечиј грб, кој треба да внесе малку утеха во чинот на разделбата, и да влее повеќе сигурност во шансите за следна средба; се обидува да го толкува и најбесмисленото дрдорење на водителот на утринската програма и со внимание да ги следи соопштенијата за безбедноста на патот; во себе собира сѐ, како фрижидер за длабоко, како количка на старо купувам, како црна јама...во сето тоа барајќи некаков заплет, некаква приказна, некаква смисла.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)