па (сврз.) - низ (предл.)

Преку дворот на црквата, продолжуваме по патеката, некогаш улицата што по разурнатото дрвено мовче водеше до предворјето на паркот, па низ падината се стрчуваме во шумичката, меѓу пријатниот самрак од ниските гранки, мовлестите пенушки на соборените тополи и шумолењето на блиската река, место создадено за средношколците љубовници.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Знаеш не сме ни до пола пат има уште одење до поштенскиот дом, па низ шума до детското одмаралиште, па низ парк-шума и дури потоа - голема угорница до врвот.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Се облековме. И трчаница: преку насипот, па низ паркот, низ Илинденска, плоштадот, преку пругата - дома.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Ноќе и во лето, кога се домашните во полето, пенџерињата се поклопуваат со дрвени капаци но тие во мигов се раскрилени па низ замрзнатите џамови во одајата навлегува, зрачен, самракот: во меѓувреме надвор стивна виулицата, стегна сув студ и сега на небото и во воздухот се најавуваа јасник.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Првин, имајќи го постојано на ум едниот, почетниот, крај, убиството на стрика Анѓела Јанчески, се обидува да го намота клопчето на мислите за потоа да почне да го одмотува сталожено и лека полека сѐ до основната, сѐ до часов сегашен, во кој тој се обидува да го нацрта планот на населбата во Потковицата, - цртежот оставен на масата на средината на одајата тоа означува, план на населбата во Потковицата, заедно со црквата, со општината и со училиштето, кои треба допрва да бидат изградени - потоа, не станувајќи од столот, гледа низ едниот па низ другиот прозорец.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Правецот на движењето ќе биде: низ лозјата, врбјакот, па низ потокот - в грб!
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Кога слезе од возот, Ване не појде со врволицата по перонот па низ холот да излезе од станицата за да продолжи по улиците на кои во тие утрински часови се среќаваа само луѓето што одеа на работа.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)