земја
мн. земји
Вид збор: Именка, женски род
Ранг: 111
1.
(едн. Земја) Една од планетите во Сончевиот Систем, планетата на која живееме.
Примери:
Да не ја загадуваме Земјата.
Вид: планета (ж.)
2.
(едн.) Сувата површина на планетата Земја, нејзиниот копнен дел наспрема водната површина и наспрема небото.
Примери:
небото и земјата
морињата и земјата
Слично со:
копно (ср.)
3.
(едн.) Дел од Земјината кора кој може да се обработува и на кој можат да виреат, растат растенија.
Примери:
Земјата ни е плодна и ровка.
песоклива земја
Слично со:
почва (ж.)
4.
(едн.) Површината на која некој или нешто се наоѓа, се допира до неа или се движи по неа.
Примери:
Тој седеше на земја.
Имаше фустан до земја.
Почнуваше да чекори по земјата.
Слично со:
површина (ж.)
5.
(едн.) Површина која е нечија сопственост.
Примери:
Тој селанец беше богат со земја.
Си ја продаде земјата што ја имаше наследено од татка си.
На секоја ќерка ѝ даде доста земја за мираз.
Слично со:
имот (м.)
6.
(едн.) Материја во составот на Земјината кора, обично со темнокафеава боја.
Примери:
Станува и се истресува од земјата.
Триесет години работел во прав и земја.
Нафрлиле земја на огнот.
Покажа врзана шамија со земја.
Го остави грстот земја на сонцето.
7.
Заедничка територија на која живеат поголеми заедници на луѓе, народи, која претставува географска целина (крај) и која може административно и политички да биде држава.
Примери:
Четири земји потпишаа мир.
За тебе мислев, земјо, татковино.
Тие беа протерани во разни земји на Источна Европа.
Изрази
(библ.) Ветена земја - Палестина.
(прен.) Ветена земја - богата земја или крај каде што среќно се живее.
Пропадна в земја - исчезна, го снема.
Пропадна в земја - се засрами.
Лесна му земја - израз при споменување покојник или при простување со него.
(разг.) Мириса на земја - болен е на умирање.
Ни на небо ни на земја - се наоѓа во несигурна, нејасна положба.
Ничија земја - простор, појас меѓу две линии на фронтот или меѓу две државни граници.
(прен.) Ничија земја - простор, подрачје за дејствување за кое никој нема интерес.