надвикува несв.

надвикува (несв.)

Но тие викаат, ја надвикуваат: - Каде беше завчера?
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
- Бојане, дедо Димо! Помош! Помош! - се надвикуваа со татнежот на невремето, беспомошни, престрашени викови откај шаторите на археолозите! - Леле! Отидоа шаторите!
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Викотниците не престануваа. Тоа беше „арената“ на берзијанерите. Секој надвикуваше колку што може и умее.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Во оние брошури што ги добив во Берзата, на едно место прочитав дека берзијанерите треба да знаат добро да викаат, да цркаат, да надвикуваат секој друг, и да ја знаат пантомимата со своите партнери.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Сите села тажат, се надвикуваат, не можеш да се чуеш од лелеци.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
— Без љубов и смртта е безначајна, вика Горачинов, се надвикува со брчењето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се надвикувавме, се надмудрувавме, готови бевме дури и да се скараме.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Поскоро би можело да се нарече надвикување.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Ракијата не само што им ги зажари образите и им ги светна очите, ами и им ги разврза јазиците и им удри во главите, па почнаа сѐ погласно и речиси едногласно да зборуваат, надвикувајќи се како да се на отворена сцена а, не во затворена просторија.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
- Најдов три кристални чаши. Сега кој ќе пие во стаклени? –Настана мрморење, де од еден,де од друг: Јас сакам кристална, јас несакам стаклена, во неможноста да ги поделат чашите се надвикуваа.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Шумно беше во крчмата. Зад преграда се караа груби гласови и се надвикуваа, зарипнати.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Молчешкум ги слушав не разбирајќи ги докрај тие бескрајни разговори за ликовите од албумите, кои бликнуваа во собата исполнета со чад, напати низ радосните, ведри тонови и живите раскажувачки надвикувања, понекогаш скриени во нечујните шепотливи коментари и придушениот кикот или тргнати од ненадејната гласна смеа на присутните, а потоа, другпат, лебдејќи во дневната соба, во успорените кажувања полни со паузи, со завладеани тишини и говори со стегнато грло.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
- Брзо, брзо, брзо, терај, терај, трчај, трчај брзо, не застанувај - се слушаа гласови кои беа надвикувани од луѓето од кои едни во трчаницата паѓаа, други ги прескокнуваа, ги газеа, се довикуваа и се бараа, се слушаше плач и врисок на мали деца и крикови на жени, рикање на говедата и блеење на овците.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Се туркаа, викаа и се надвикуваа, за спас се фрлаа во подивените и разулавени води над кои секои неколку минути долетуваа авионите кои во низок лет и заглушувачки виеж митралираа, фрлаа бомби и ракети и веднаш зад нив долетуваа други и со некои бомби што ширеа и дигаа многу пламен, ги доубиваа, ги гореа испопелуваа и мртвите и сѐ уште живите.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)